Croatia osiguranje

Интервју - Вилма Учета Дузлевска - Директор за планирање,развој и продажба

Објавено на: 25/09/2011

Менаџментот на осигурителната компанија за животни осигурувања КРОАЦИА ОСИГУРУВАЊЕ–ЖИВОТ Скопје изминатата и оваа година ги оценуваат како најуспешни од постоењето на компанијата. Во 2009 година, само седум друштва за осигурување во земјава забележаа пораст на премијата, меѓу кои Кроациа Осигурување–Живот Скопје е со највисока стапка на раст, пред останатите, од 24,3%. Најголеми наши адути се професионализмот и квалитетот на вработените и производите кои се прилагодени на нашето поднебје.


Животното осигурување во Македонија бележи позитивни резултати, расте и во услови на криза. На што се должи тоа и колку сте задоволни од досегашната работа?

- Рецесија, криза, намалување на економската активност и слични песимистички поими ја одбележуваа изминатата, но и оваа година. Светската економска криза значително ги погоди развиените осигурителни сектори, каде што животното осигурување се покажа почувствително во споредба со неживотното, во поглед на влијанието врз висина на бруто-полисираната, но и наплатена премија и учеството во вкупно остварената премија.
Република Македонија е на самиот праг на развојот на животното осигурување. Двоцифрените стапки на раст, забележани изминатите две години, тренд кој се забележува и оваа година, се показател дека најголем дел од пазарот с$ уште е неискористен, но и дека Македонија е вистинско место за развој на животното осигурување. Токму неразвиеноста на овој сегмент на осигурителниот пазар н$ амортизираше од штетните кризните влијанија врз работењето. Иако падот на европскиот пазар на животното осигурување е речиси три пати поголем во споредба со светските размери, земјите од Средна и Источна Европа забележуваат раст на премијата за животно осигурување од околу 19%. Во 2009 година животното осигурување во Македонија забележа раст од 13%.
Изминатата и оваа година ги оценуваме како најуспешни од постоењето на компанијата. Во 2009 година, само седум друштва за осигурување во земјава забележаа пораст на премијата, меѓу кои Кроациа Осигурување–Живот Скопје е со највисока стапка на раст, пред останатите, од 24,3%. Ваквата динамика на раст остава простор за задоволство на менаџментот, но и на акционерите на компанијата.

Се развива ли повеќе свеста кај граѓаните да си ги осигураат животите и која е Вашата стратегија за освојување на поголем удел на пазарот во тој сегмент?

- Имајќи предвид дека Македонија значително заостанува во животното осигурување во однос на западноевропските земји, па и на земјите во опкружувањето, еден од приоритетите е да влијаеме за менување на културолошкиот пристап на граѓаните кон штедењето. Потенцијал за развој на животното осигурување на домашниот пазар дава и анализата на пензискиот систем, која укажува на недостатоци на системот темелен на меѓугенерациска солидарност. Од аспект на демографските промени и нужноста за лична заштеда за пензиските денови, полисата за животно осигурување се наметнува како клучен финансиски производ кој секој би требало да го има. Перманентниот раст на премијата во животното осигурување зборува дека македонскиот граѓанин се повеќе ја согледува корисноста на полисата за животно осигурување.
Најголем удел во порастот на премијата по живот во вкупната полисирана премија минатата година во Македонија има токму нашата компанија, која 2009 година ја заврши со пораст во пазарното учество, 3,7% поголемо во споредба со 2008 година. Овој тренд го задржавме и во првиот квартал од 2010 година, кога го зголемивме пазарното учество за високи 6,6%. Ваквите резултати произлегоа од континуираната реализација на стратешките цели кои си ги поставивме минатата година, по ребрендирањето: градење на сопствена продажна мрежа, едукација и зголемување на свеста на граѓаните за животното осигурување, иновации и пораст на пазарното учество. Приматот, секако, го ставивме на развојот на сопствена продажна мрежа и напорите кои ги вложуваме даваат одлични резултати. Ќе се согласам со осигурителните ставови според кои осигурителните друштва вредат толку колку што им вреди продажната мрежа. Од почетокот на годинава двојно го зголемивме бројот на активни застапници. Притоа, на едукацијата на застапниците пристапивме со големо внимание, бидејќи од нивната успешност зависи и успешноста на компанијата. Имаме развиено сопствена едукациска програма. Кога станува збор за едукацијата на нови застапници, посебно внимание даваме на менторската работа. Секој нов застапник добива ментор кој во секој момент го води низ процесот на оспособување за квалитетна продажба на нашите производи. Преку системот на мрежен маркетинг го јакнеме и стимулираме развојот на интерниот канал на продажба.

Зошто е важно да се има полиса за животно осигурување?

- Полисата за животно осигурување е уникатен финансиски производ кој нуди двојна поволност: истовремено сте осигурени и штедите. Доколку настане некој од ризиците кои ги покрива, корисникот на осигурувањето ја добива целата осигурена сума. Доколку не настане некој од ризиците кои ги покрива, осигуреникот го добива штедниот дел, зголемен за износот што го вложил во полисата, пред се поради приписот на добивка кој го одвојуваме секоја година. Имајќи предвид дека воспоставениот пензиски систем е неодржлив на долг рок, полисата за животно осигурување е вистински одговор во што треба да се штеди за мирна старост: како клучни конкуренти на полисата за животно осигурување се наметнуваат вложувањето во банки, инвестициски фондови и пазарот на капитал. Сепак, вистинското конкурентно опкружување за овој производ не е развиено, бидејќи речиси и да не постои друг производ кој овозможува долгорочно и пензиско штедење, притоа покривајќи ризици од појава на болест или несреќен случај.

Планирате ли воведување на нови прозводи во животното осигурување?

- Иновацијата е наша стратешка определба. Иако веруваме дека класичното животно осигурување секогаш ќе го има водечкото место во нашето портфолио, постојано работиме на унапредување на понудата и приближување до преференците на клиентите и потребите на пазарот. Така, во 2009 година понудивме два нови производи, исклучиво наменети за правни лица кои се единствени на нашиот пазар: Колективно животно осигурување, кое на работодавците им нуди можност за заштеда, додека на осигурениците можност за дополнителна сигурност и Пакетот лојалност, каде што работодавците можат да заштедат и истовремено да ги задржат најдобрите вработени во рамките на својата компанија.
Оваа година ја збогативме понудата на Индивидуалното осигурување на живот со нов производ, Кроациа ПРЕМИУМ, кој вклучува покривање на ризик од настанување на тешко болна состојба, односно 12 болести кои не толку одамна биле смртоносни. Финансиските последици од преживување на тешка болест можат да бидат уништувачки за животниот стандард на семејствата. Со овој производ обезбедивме приход во најтешките моменти за семејствата, покривање на болничките трошоци и негата.
Од следната година стартуваме и со рентно животно осигурување, со две опции, доживотна рента и рента со одредено траење. Дефинитвно ќе понудиме вистински штеден производ за обезбедување на дополнителен месечен приход во пензиски денови.


Каков е потенцијалот на македонскиот пазар и какви се Вашите очекувања за понатаму?

- Главен показател за развиеноста на пазарот на животно осигурување во секоја национална економија е учеството на премијата во БДП, и додека во развиените европски држави изнесува околу 8%, кај нас не достигнува ниту 1%. Во вториот квартал од годинава учеството на премијата за животно осигурување во вкупно остварената премија изнесува 5,1%, и кога ќе споредиме со европските примери со 50% учество и примерите од земјите од опкружувањето со 20% учество во вкупно полисирана премија, ќе заклучиме дека нашиот пазар има значителен неискористен потенцијал. Оттука се и нашите очекувања дека животното осигурување ќе расте вртоглаво следнава деценија.

Се најавува влез на две нови компании кои ќе се занимаваат со осигурување на живот. Како ќе се одрази зголемената конкуренција на пазарот, за Вас како компанија и за потенцијалите конкуренти?

- Животното осигурување е придвижувач на целиот осигурителен пазар. Со заздравувањето на макроекономските показатели, животните осигурувања би требало да ја преземат водечката позиција во вкупната премија од осигурување. Либерализацијата на пазарот на осигурување кај нас е неопходен услов за развој, но и здраво работење на секторот. Зголемената конкуренција директно ќе влијае на пазарниот удел, цената на производите и активностите на компаниите. Сепак, анализите за ефектите од либерализација на пазарот на земијте од опкружувањето даваат различни показатели. Не секаде зголемувањето на конкуренцијата значи и раст на премијата. На пример, во Република Хрватска во 2008 година, иако се отворени три нови друштва за осигурување, од кои две работат само животно осигурување, растот на премијата е значително помал (2,5%) од претходната година (14,5%), кога бројот на осигурителни компании бил помал. Ист е случајот и во Босна и Херцеговина. Точно, падот на премијата во услови на криза зема замав. Но, услов за зголемената конкуренција да ги даде позитивните резултати кои се очекуваат од неа е да биде следена со стабилност на валутата, стабилен раст на БДП, даночни олеснувања при животното осигурување и регулираност на пазарот.
За нас, како компанија, зголемувањето на конкуренцијата е предизвик, но и поттик да ги потврдиме нашите квалитети пред другите: брза реакција, брза информација и брзо решавање на штетите. Адут ни е професионализмот и квалитетот на нашите вработени, но и производите кои се прилагодени на нашето поднебје. На крајот, клиентите се оние кои најмногу се радуваат на зголемувањето на конкуренцијата.

Како ја оценувате состојбата на осигурителниот пазар во споредба со останатите земји од регионот и со Хрватска, каде што исто така сте присутни?

- “Затишје пред бура” е термин кој дава соодветен одговор на вашето прашање. За разлика од останатите земји од регионот, каде што животното осигурување го следи тренд на пораст соодветен на искуствата од брзорастечките пазари, Р. Хрватска, по десетгодишен период на брз развој на животното осигрување со просечна стапка на раст од 17% годишно, минатата година доживеа пад од 2,2% во овој сегмент. Очекувањата се дека животното осигурување и во 2010 година ќе забележи пад на премијата од 3%. Сепак, станува збор за пазар со долга традиција во животното осигурување и развиени линкувани производи со инвестициски фондови и банко осигурување, кои беа клучни за падот на премијата во развиените осигурителни пазари.